Охрид SOS тврди дека хотелот во Лагадин се гради

12 Март 2018

Во февруари Влада на Република Македонија го усвои Извештајот за напредокот по препораките на UNESCO со кој беше откажан планот за изградба на експресен пат, а подоцна измените на Планот за управување со Националниот парк Галичица што е дефинитвно позитивно поместување во насока на зачувување на статусот на Светско наследство, но многу важно кон заштита на природното богатство и работење во насока на одржлив развој, стои во соопштението од Охрид SOS  и се додава:

Меѓутоа, препораките од 41 сесија на World Heritage Committee(Комитетот за Светско наследство) од 2017 година содржеа многу повеќе од тоа и беа дадени јасни краткорочни и долгорочни насоки за исполнување. Од извештајот може да се види дека мерките за заштита на Охридското Езеро и регионот не се преземени докрај. Имено една од клучните препораки е и „прогласување на мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи (план за управување, урбанистички / мастер план за крајбрежјето врз основа на Исклучителната универзална вредност (ИУВ) на доброто итн.), и додека не се прифати соодветна правна регулатива и не се воспостават ефикасни механизми за контрола“. (Препорака бр. 6, Извештај на Реактивната мониторинг мисија, јуни 2017)

Покрај мораториум, во првиот рок, до 1 февруари 2018 година беше побарано и (1) Запирање на процесот на легализација на сите бесправно изградени објекти во рамките на доброто сè додека не се подготви детален инвентар на сите постоечки нелегални градби во рамки на доброто и додека не се изработи соодветна Студија за оцена за влијанието на животната средина; (2) Ригорозно спроведување на постоечките закони и регулативи со цел да се спречи понатамошно нелегално градење.“

На изготвувачите на Извештајот кој го усвои Владата не е можно да не им било познато дека според Извештајот на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) од ноември 2017 година, неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето е една од најсериозните закани кои го доведуваат во опасност Светското наследство. Оттука, имплементирањето на оваа препорака се смета дека е критично важен чекор кој треба да се преземе.

Може да се забележи дека се продолжува со градењето и издавањето одобренија за градење на крајбрежјето, а легализацијата на бесправно изградени објекти се практикува во континуитет со што урбанизацијата во регионот слободно може да се констатира дека се одвива неплански. Индикативно е натамошното издавање одобренија за градење и градењето врз основа на т.н. Општ акт за село Лагадин, врз основа на кој беше издадено и одобрението за градба на спорниот хотел во Лагадин. Крајно неразбирливо е како наместо со урбанистички план уредувањето на градењето на вака значаен дел од крајбрежјето се регулира со Општ акт, кој претставува уредба со која се даваат насоки за градење во села и подрачја за кои нема и никогаш не бил изработен урбанистички план (се носи, како на пример, за селата во охридско - Сирула, Плаќе, Опеница, Куратица), но не и да се носи за Лагадин бидејќи за Лагадин постоел и постои урбанистички план.

Инаку, т.н. Општ акт се донесе во ноември 2015 година без спроведување на постапките и процедурите пропишани за донесување на урбанистички планови како што се изработка на стратегиска оценка за влијание врз животната средина, стручно мислење на нацрт план и предлог план, стручна расправа, јавна презентација и јавна анкета. Дека овој Општ акт е донесен спротивно на законите и Уставот на Република Македонија се има произнесено и стручната јавност, а постои и експертиза за незаконитоста и неуставноста во донесувањето на Општиот акт.

Во времето на донесување на Општиот акт во ноември 2015 година, Проф. д-р Јован Стојаноски - Градоначалник на општина Охрид, како тогашен координатор на советничката група на СДСМ - Социјалдемократски сојуз на Македонија имаше изјавено: „Кога се носеше Општиот акт за Лагадин ние бевме против. На денот на гласањето ни донесоа материјали и се прекрши деловникот. Како советничка група се залагаме да се регулира крајбрежјето на Лагадин, едно од најатрактивните, но не на ваков дивјачки начин кој пробаа да го направат градоначалникот (Бакрачески, н.з.) и советниците на ВМРО ДПМНЕ“. Се надеваме дека градоначалникот веќе отпочнал постапка за поништување на одлуката за донесување на Општиот акт и доколку тоа веќе не го сторил, го повикуваме да го направи што поскоро, а во согласност со тоа и да прогласи мораториум на издавање одобренија за градење врз основа на истиот. Во меѓувреме, Охрид ЅОЅ ја поддржа иницијативата на здружението „Стар Лагадин“ за оспорување на Општиот акт пред Уставниот суд на Република Македонија.

Во тој контекст бараме и да се затвoри случајот со нелегалниот хотел во Лагадин. За потсетување изградбата на хотелот која почна во декември 2016 година, беше запрена три месеци подоцна. Важно да се нагласи дека решението за градба, по налог на Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво кој утврди „повеќе неправилности во постапката за утврдување на услови за градење во село Лагадин и постапката за издавање дозвола за градење на предметниот хотелски комплекс“ беше ПОНИШТЕНО од страна на градоначалникот Никола Бакрачески дури 20 дена по добиеното известување од инспекторатот. Градоначалникот уште еднаш ја потвди истата одлуката по поднесена жалба од инвеститорот. И покрај тоа, инвеститорот на неколку наврати продолжи со градба. Една од главните причини за поништување на решението се неколку прекршувања на законските одредби. Според Државен инспекторат за животна средина „направен е ПРЕВИД од страна на Општина Охрид при носењето на општ акт за село Лагадин бр.20-14970/2 од 03.11.2015 год. при што не е испочитувана законската обврска за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина“, понатака „утврдено е дека водостопанската согласност бр. УП бр.11-126 од 21.11.2016 е издадена за изградба на хотелски објект согласно општиот акт за село Лагадин во кој акт е нагласено дека треба ДА СЕ ЗАПАЗИ КРАЈБРЕЖНАТА ЛИНИЈА НА ЗАШТИТЕН ПОЈАС. Во овој случај е направен исто така ПРЕВИД затоа што водостопанската согласност треба да се придржува кон донесениот општ акт за село Лагадин.“ Деновиве, по којзнае кој пат, повторно се забележани активности на локацијата. Инвеститорот, на мошне перфиден начин, подмолно, продолжува со градење, со неколку работници за викенди за да делува незабележливо. На фотографиите во прилог јасно се гледа таа ситуација, а дополнително и механизацијата која носи бетон. Ваквото флагрантно непочитување на законски одлуки само по себе требаше да повлече поригорозни мерки кон инвеститорот кои не се презедоа, поради што го повикуваме градоначалникот Стојаноски да ги преземе соодветните законски мерки.

Со оглед на комплексноста на случајот и фактот што веќе долго време е staus quo, од Јавниот обвинител на Република Македонија бараме, врз основа на допрен глас, да покрене истражна постапка со сомнеж за коруптивни дејанија околу донесувањето на Општиот акт и издавањето на одобренијата за градење врз основа на него.

Конечно, се обраќаме до Пратениците во Собрание на Република Македонија, членови на неформалната група „Пратеници – пријатели на единственото УНЕСКО подрачје во Македонија – Охридскиот регион“, како и до членовите на Националниот комитет за УНЕСКО на Република Македонија и новоформираната Комисија за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион со барање за нивна заложба за итно прогласување мораториум и целосно и доследно имплементирање на оваа препорака на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, а исто така и за дополнување на Извештајот усвоен од Владата на 13 февруари со соодветна содржина за прифаќање и имплементација на оваа препорака. Ја истакнуваме нашата длабока загриженост доколку брзо не се реагира на овие наши укажувања.

Исто така, бараме од Владата итна имплементација на шестата препорака со прогласување на побараниот мораториум на градење на крајбрежјето сè до изработката на сите релевантни плански документи – како што е и наведено во препораката. Исто така бараме од страна на Владата да биде дополнет усвоениот Извештај со согласноста за имплементација на оваа препорака, велат од Охрид SOS.

Публицитет.мк

Прочитано 1392 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter