Запеј, запеј на „Охридските староградски средби -2017“ ( ФОТО)
Пред две вечери во ЦК „Григор Прличев“ во Охрид, се одржа 29-тото издание на Фестивалот „Охридски староградски средби“.
Учествуваа девет пејачки групи, ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија.
Учесници на манифестацијата беа: Хорот при НУ Центар за култура “Григор Прличев” од Охрид (Ој ти момче охриѓанче; Се посврши сербес Донка) КУД Далги при ЗП Охрид и Дебрца (Јас Методи Патче и Димчета Аскер го писале), Октет од Прилеп (Секоја вечер пијан се враќам, Не стој Доне Донке, Са ноќ седам Трено); ВИС Орнаменти од Штип (Дончо штипјанчето, Не се факај Доне Донке, Пијан идам од града); Пеачка група Сирма Војвода од Битола (Отвори го Кате Пенџерето, Болна е легнала Џанам); Пеачка група “Весела Тајфа” од Богданци (На срце ми стар мерак лежи, Кажи, кажи, ќерко Славко, Мома Катерина – со сценска изведба); Распеани Гевгеличани од Гевгелија (Сношти вечер сон сум сонувала, Не ми седи коконо, Бог да бие Тино, мори); Оркестар при ФА Бисери од Охрид (Бог да бие Русе, Ах мори бабо, Сирто оро).
Фестивалот „Охридски староградски средби“ е основан со цел афирмирање на вредностите на староградскиот мелос, но и зачувување на музичките посебности и песни карактеристични за градовите во Македонија, кои со децении се препејувале и на тој начин се пренесувале низ генерациите.
„Охридските староградски средби“ се реализираат со финансиска поддршка на Министерството за култура. Фестивалот првпат се одржа во 1975 година и традиционално се одржуваше секоја година до 1996 година.
По 11-годишен прекин манифестацијата пред девет години повторно беше обновена, меѓу другото, како обид за продолжување на културна понуда на градот во пост - сезоната.