al palpojo 2020

Свети Климент Охридски-заштитник на Охрид и на МПЦ-ОА

08 Декември 2019

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј.

Свети Климент остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други општокорисни работи. Затоа, Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост, го празнува споменот на свети Климент Охридски - Чудотворец.

Тој е првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа и најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет. Свети Климент Охридски вечно остана да живее во споменот на народот.

Во Охрид свети Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет, во кој оспособил повеќе од 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката работа се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на свети Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучување на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн.), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела.

Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.

Се претпоставува дека свети Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот, односно на 8 август според новиот календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Свети Пантелејмон“. Уште за време на животот, свети Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на светиот свештеномаченик Климент папа Римски, односно на 25 ноември според стариот или на 8 декември според новиот календар. Поради тоа, подоцна, Светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27 јули/8 август) се празнува споменот на светите седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон.

Денот на св. Климент Охридски - 8 Декември во Македонија е државен празник, со кој се одбележува делото на првиот словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.

Публицитет.мк

Прочитано 1361 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter