al palpojo 2020

Во Охрид беше oдбележана 130 годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ - биолог и научник од светски глас

26 Март 2022

Јавната научна установа Хидробиолошки завод од Охрид денеска ја одбележа 130 годишнината од раѓањето на основачот на установата, академик Синиша Станковиќ.Чествувањето со своето присуство го збогатија д-р Мирјана Михаиловиќ, директорка на Институтот за биолошки истражувања „Синиша Станковиќ“ и помошник директорот д-р Момир Пауновиќ. Настанот беше заокружен со потпишување на обновениот Меморандум за соработка меѓу двете научни институции од Охрид и Белград.

- ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид, своето основање во далечната 1935 година и понесување на епитетот прва научна институција на Балканот го должи на иницијативата и заложбите на академик Синиша Станковиќ, научник од светски глас, великан во лимнологијата и во научната мисла воопшто, вљубеник во Охридското Езеро, негов голем познавач и промотор, рече директорката на Заводот д-р Орхидеја Тасевска и додаде:
И покрај тоа што првиот пишан податок за Охридското Езеро датира од средината на 19 век кога се поставени темелите на лимнологијата, основањето на оваа институција претставува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создадени предуслови за продолжување на систематското проучување на Езерото и богатата флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови. Тогашната Хидробиолошка станица ја премостува Втората светска војна, президиумот на АСНОМ на 04.11.1944 година ја признава како драгоценост за Македонија и се залага за нејзино опстојување. Подоцна станицата ги развива своите потенцијали и прераснува во Завод организиран по угледот на две многу познати лимнолошки станици во Европа (Биолошката станица на Лунцкото Езеро во Австрија и Макс-Планк-овиот завод за лимнологија во Плон, Германија), рече директорката Тасевска.

 

so gosti

Директорката Тасевска со колегите од Белград - Србија

Од 1961 година, заводот станува самостојна научна организација а од 1994 година е запишана во регистарот на организации за научно-истражувачка дејност во Македонија, а денес е институција од стратешко значење за државата.
- Заводот, уште од основањето се до денес, заедно со неговиот научен кадар, истражувања вршеле голем број научници од водечки институти од Европа и светот. Во оваа прилика ќе го споменам само научниот кадар кој работел во институтот:
- академик проф. д -р Синиша Станковиќ
- Славе Хаџишче
- д- р Ѓорги Козаров
- д-р Јонче Шапкарев
- д-р Иван Чадо
- д-р Јорданка Серафимова Хаџишче
- д-р Борис Оцевски
- д- р Милчо Точко
Па нивните ученици кои се наши драги пензионирани колеги и драго ми е што денес гледам некои од нив меѓу нас:
- д-р Васа Митиќ
- д-р. Здравко Крстановски
- д-р Трајче Наумоски
- д-р Вера Новеска
- д-р Дафина Гушеска
- д-р Момчула Јорданоски
- м- р Зоран Спиркоски, рече д-р Орхидеја Тасевска и подвлече:

Денес ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид е современа научна установа со завидна бројка на научен кадар: 12 доктори на наука и два магистри организирани во 10 одделенија. Плодната научно-истражувачка работа на научниот кадар резултира со голем број научни трудови објавени во домашни и престижни меѓународни списанија. Научниот кадар учествува на голем број меѓународни конгреси, симпозиуми, конференции и други научни собири.
Својата активност Заводот ја проширува и преку соработка со други научни институции од земјата и странство, како и со учество во бројни национални, регионални и меѓународни научно-истражувачки проекти. Во тек е спроведување на активности по три меѓународни и два национални проекти.

Покрај тоа, институтот врши и активна мисија за заштита на животната средина преку многубројните предавања и стручни мислења од страна на научниот кадар, има многу значајна едукативна, но и просветна и културна мисија. Хидробиолошки завод уште од основањето во 1935 година до денес, врши порибување на Охридското Езеро со вештачки оплоден и одгледан подмладок од охридска пастрмка (Салмо летница Караман), во различни развојни фази, додаде Тасевска.

 trajce

За животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, биолог, еколог, револуционер, општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ кој е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид, со Македонија, со подемот на биологијата и со научната мисла во македонското општество, говореше д-р Трајче Талевски, претседател на Совет на Хидробиолошки завод.

-Името на д-р Синиша Станковиќ е мошне тесно поврзано со постоењето и со конституирањето на поранешна Југославија. Тој бил вљубеник во Охридското Езеро, „македонското слатководно море“, како што го нарекуваше. Беше основач на Хидробиолошкиот завод во Охрид и на лимнолошките истражувања во Македонија.
Неговата научна и политичка активност биле единствен израз на неговата личност. Тој бил прогресивно ориентиран професор; еден од оние универзитетски професори кои му дале непроценлива помош и поддршка на напредното студентско движење во поранешна Југославија, особено на Белградскиот универзитет.
Академикот Синиша Станковиќ е роден на 26 март 1892 година во Заечар, Србија. Треба да се каже дека неговиот со семејството дедо се преселил од родното село Пожаране, Гостиварско и се преселил во ова мало место. Своето потекло честопати го потенцирал , велејќи дека има причини зошто го сака Охридското Езеро, Охрид и Македонија, а тоа е бидејќи и во него тече македонска крв, рече Талевски и додаде:

- Според кажувањата од академик Синиша Станковиќ, тој за првпат дошол во Охрид во 1922 година како доцент на Белградскиот универзитет. Откако го видел Охридското Езеро станал вљубеник до крајот на својот живот и остана ненадминат познавач на езерскиот жив свет. Меѓутоа, за важноста на Охридското Езеро знаел уште како студент, од проучувањата на голем број светски научници кои имале извршено обемни хидролошки, флористичко – фаунистички, лимнолошки и други проучувања на Охридското Езеро и на неговата околина. Со овие проучувања било докажано и заклучено дека Охридското Езеро е многу старо и богато со особен растителен и животински свет кој живее само во Охридското Езеро или во еден тесен регион околу него. Извесен број растенија и животни се сосем идентични или блиски на некои фосилни остатоци на Балканскиот Полуостров и на Средна Европа.
Сумирајќи ги резултатите од истражувањата, како и од поранешните географско - геолошки изучувања, во своето значајно дело „Фауната на Охридското Езеро и неговиот жив свет“, објавено на германски јазик, професорот Синиша Станковиќ донесол важни заклучоци за потеклото и за фауната на Охридското Езеро и неговото биогеографско значење.
Во 1957 година излегува од печат капиталното дело на професорот Станковиќ монографијата „Охридско Езеро и неговиот жив свет“ на српско-хрватски јазик, во 1959 година на македонски јазик, а во 1960 година на англиски јазик. Оваа монографија е врвно достигнување на неговите истражувања на Охридско Езеро кои во текот на повеќе децении ги вршел самостојно или со своите соработници. Со монографијата за Охридското Езеро Синиша Станковиќ стекнува светска слава и постојано место во историјата и науката, истакна д-р Талевски.

mirjana

Директорката на Институтот од Белград, Мирјана Михајловиќ во своето обраќање се задржа на почетоците од работата на Институтот во 1965 година кога директор бил и токму Станковиќ, за потоа во негова чест таа институција да го носи неговот име. Михајловиќ рече дека низ овие 75 години Институтот заедно со своите соработници има реализирано голем број проекти и публикации, а посебно внимание посветуваат на развој на млад кадар бидејќи без тоа нема иднина.

potpisuvanje


На настанот обете директорки Тасевска и Михајловиќ го потпишаа обновениот меморандумот за меѓусебна соработка.

 

Публицитет.мк 

Прочитано 1230 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter