Проф. д-р Џуклески: Нешто за авторското право
Со цел поблиску да ја доближам ваквата материја (пред сѐ, до авторите) се одлучив, во неколку наврати, да објавам стручни сознанија, а во врска со поимите, дефинициите и институтите, поврзани со авторското право. Целта ми е авторите да се стекнат со основни знаења (и информации) за попрецизно да ги толкуваат истите.
Голема била борбата во текот на правната историја за признавањето на заштитата на творештвото. Денес, авторското право ги регулира односите во врска со човековото интелектуално создавање. Со други зборови, авторското право ги регулира односите што се во тесна врска со создавање на книжевните, на уметничките и на научните дела. Авторското право обезбедува заштита на, како што често се нарекуваат ,,делата на умот,,. Тоа покрива, не само оригинални пишани дела, туку и многу други креативни дела, вклучувајќи ја и музиката, снимањето плочи, касети, компакт дискови, филмот, ликовната уметност, вајарството, фотографијата и др.
Авторското право ги регулира и правата на правните наследници на авторот. Интересите на авторот можат да бидат морално идеални и имотно материјални. Авторот, со цел да ги заштити ваквите интереси, располага со две групи овластувања и тоа: лично правни и имотно правни.
Најчесто, авторот ги користи лично правните (моралните) права со тоа што тој одлучува дали своето дело ќе го објави или, пак, не. Исто така, авторот има право да му се признае авторството врз своето дело. И најпосле, авторот има право да се спротивстави на секоја деформација или измена на своето дело при публикувањето.
Што се однесува до имотно правните овластувања на авторот, тие се следниве: правото на објавување, преведување, преработување, репродуцирање, прикажување и изведување на делото, и правото на материјалниот надоместок. Авторот може непосредно да го експлоатира своето дело, но и посредно – преку издавач, радиодифузија и сл. Кога се работи за посредно користење на авторот на своето дело, тогаш тој склучува договор со посредникот на кого му ги префрла имотно правните овластувања.
Имотно правните овластувања не ги заштитуваат само материјалните, туку и моралните права на авторот. Врз основа на овие овластувања, авторот одлучува дали делото ќе го печати, дали неговото дело јавно ќе се изведува или ќе се прикажува. За секоја повреда на своето авторско право, авторот е овластен да бара надоместок од настанатата имотна и неимотна штета.
Имотно правните овластувања се надополнуваат со лично правните овластувања и тие остануваат кај авторот и тогаш кога тој ги пренесува имотно правните овластувања на друг. Во случај да настапи повреда на ваквите права, тогаш настапуваат имотно правни побарувања за надоместок на штета. На овој начин, преку повредата на лично правните овластувања, кај авторот се востановуваат нови имотно правни овластувања.
Што се однесува, пак, до наследувањето на авторското право, треба да се каже дека врз наследниците не преминуваат само имотно правните, туку и лично правните овластувања.
Кога со поминувањето на извесен временски период ќе истече заштитниот рок, авторското право станува општо општествено добро. Исто така, авторското право располага со меѓународна норматива и заштита. Ова е така од причини што заштитата на правата на творците не е регулирана само со националните законодавства, туку и на меѓународен план. Сето ова покажува дека авторското право е специфично право. Затоа, се вели: заштитата на авторското право и сродните права не е само правно прашање, туку и цивилизациска придобивка на едно општество. Во оваа насока, може слободно да се каже: тој што не ги почитува авторските права, не го почитува и човековото достоинство. За големиот филозоф Кант достоинството е засновано врз разумот (интелектот).
Пишува: д-р Гоце Џуклески
Публицитет.мк