На денешен ден пред 72 години е усвоена македонската азбука, а по неа и првиот правопис

05 Мај 2017

На денешен ден, на 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик. Овие два датуми не се внесени во календарот за празници на Собранието на Република Македонија.Но наше е да потсетиме на нив. 

Во рубриката АРГУМЕНТИ ЗА, го пренесуваме текстот од д-р Елка Јачева - Улчар и д-р Симона Груевска - Маџоска објавен во 2015 година по повод 70 години од Правописот на македонскиот јазик  во списанието Македонски јазик, при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. 

 

                                                                                Македонскиот  правопис од 1945 до 2015 

 

Првото официјално издание на нашиот првопис од 1945 година го носи насловот Македонски правопис и е изработен од Комисијата за јазик и правопис при Министерството на народната просвета. По овој Правопис од 1945 следува авторското издание на  професорите Блаже Конески и Крум Тошев, насловено како Македонски правопис со правописен речник во издание на Државното книгоиздателство на НР Македонија – Скопје од 1950 година. Од ова издание на Правописот, сите изданија во кои се собрани ортографските и ортоепските нормирани правила во нашиот јазик, се забележани под насловот Правопис на македонскиот литературен јазик, и како таков тој до последното свое XVI коригирано издание (2007) останал непроменет. Кога, во периодот 1952–1954 година, се отпечатува Граматиката од Блаже Конески, кој самиот ја нарекува Граматика на македонскиот литературен јазик и следното издание на Правописот во 1969 година ќе го понесе насловот Правопис на македонскиот литературен јазик. До периодот на излегувањето на првата граматика, синтагмата македонски литературен јазик ни се чини оправдана зашто при изработката на својата Граматика, Блаже Конески (во услови на сè уште недоразвиени функционални стилови), главно, граматичките узуси ги засновал врз примери од македонското народно творештво што му било достапно преку собирачката дејност на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, на браќата Миладиновци... Подновеното издание на Правописот од  2015 год. ќе го носи насловот Правопис на македонскиот јазик од две причини: прво, од стандардизацијата до денес се поминати речиси 70 години во кои македонскиот јазик ги развил сите функционални стилови, така што определбата литературен не одговара во овој контекст; и второ, пред синтагмата македонски јазик нема да стои никаков друг квалификатив со оглед на тоа што се подразбира дека правопис се прави на стандарден јазик, а не, на пример, на дијалектен.

images copy copy copy copy copy

1. Неколку зборови за историјатот на македонскиот правопис

1.1. На Првото заседание на АСНОМ, коешто се одржало на 2. 8. 1944 година, била донесена одлука за воведување на македонскиот јазик како службен во новоформираната македонска држава Демократска Федерална Македонија во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Неколку месеци подоцна (ноември 1944 година), Президиумот на АСНОМ назначил комисија чија задача била таа да даде Предлог за македонската азбука и за македонскиот правопис. Со оглед на тоа што оваа Комисија не ги прецизирала докрај своите ставови и мислења во врска со односните прашања, биле направени измени меѓу членовите на комисијата, по што во 1945 година биле донесени следниве решенија:

-  во македонскиот литературен јазик да се установат оние форми од централните македонски говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно приемливи за луѓето од сите наши краишта;

-  во македонскиот литературен јазик треба во најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат зборови со живи наставки, и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заемки;

-  македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот  јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.

   Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулирала своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година, која била усвоена на 5 мај од Владата на Демократска Федеративна Македонија. Правописот е озаконет на 7 јуни 1945 година.

  1. 2.      Правописот од 1950 година

Раководејќи се од горенаведените принципи, а особено почитувајќи го последниот принцип, во 1950 година професорите Блaже Конески и Крум Тошев го издаваат правописот насловен како Македонски правопис со правописен речник и во оваа форма тој егзистира како единствено дело од ваков тип до 1969 година.

Во првото поглавје од овој Правопис е предаден нацртот на буквите на македонската азбука. Ако ја сопоставиме оваа кирилица со онаа од црковнословенскиот период, ќе видиме дека голем дел од буквите што биле користени во македонските скрипторски центри од средниот век ги нема во современата македонска азбука. Како што истакнува Трајко Стаматоски во својата книга Борба за македонски литературен јазик (Стаматоски 1986, стр. 13–14): „Ова упростување најпрво ги зафаќа знаците за кои не постоеле посебни гласови во звуковиот состав на јазикот, потоа т.н. двојни, односно различните знаци за исти гласови, како и преземените од грчкото писмо“. Најочигледното упросту­вање на графискиот систем, според Т. Стаматоски, се случува во средината на XIX век кога под влијание на реформираната Вукова азбука и во текстовите на наши автори, како што е велешанецот Константин Петковиќ, почнува да се применува графемата ј со што природно се отфрлаат сите  стари знаци кои го имаат овој глас во својот состав  (јат, ја, ју), а во исто време тој послужува како знак за омекнување на согласките што му претходат, како: к, г, л, н. (Стаматоски 1986: 14).

Во современата македонска азбука од 1945 година се додаваат, условно наречени, нови графеми со кои се бележат:

-  гласовите кои се развиле од претходните консонантски групи шт и жд, т.е. гласовите ќ и ѓ;

-  гласовите кои се појавиле подоцна во македонскиот фонетски систем како џ, кои позициски постоеле, а чие влегување во системот било потсилено од големиот наплив на турски лексеми во кои бил присутен овој глас;

-  меките н и л кои биле покриени со графемите љ и њ;

-  графемата ѕ во оваа форма, наспроти старословенскиот нацрт Z;

-  веќе споменатата графема ј.

Овде нема посебно да се задржуваме на секој од овие предложени нацрти од страна на составувачите на новата македонска азбука. Само ќе кажеме дека секој од овие нацрти има свое историско покритие или, поконкретно кажано, секој од овие нацрти се јавува во делата на нашите автори од целиот XIX век, како и во оние потпишани од раката на К. П. Мисирков. Во контекст на Мисирков, би сакале да истакнеме дека  денешното бележење на гласовите ќ и ѓ со овие нацрти се негово авторство. Во нашиот XIX век овие гласови под влијание на српската азбука кај одделни наши автори се бележеле и како српско ќ и ѓ, чии нацрти Вук Караџиќ ги направил по углед на старословенската графема ѓерв (Стаматоски 1986).

Правописот од 1950 година претставува мала книшка со ограничен фонд зборови во правописниот речник. Македонскиот правопис со правописен речник ги содржи следниве поголеми поглавја: 1. Пишување на гласовите; 2. Преглед на формите; 3. Пренесување на делови од зборови од еден ред во друг; 4. Употреба на големи и на мали букви; 5. Интерпункција и на крајот следува Правописен речник  со ограничен фонд на зборови (приближно 7000). Во овој речник цитирањето на гл. форми оди според 1. л. едн. сегашно време, а кај глаголите од и-група и е-група редовно се дава и второто лице еднина сегашно време. Она што паѓа в очи дека цитирањето на глаголите според 3. л. едн. сегашно време заживеало нешто подоцна по предлог на американскиот лингвист Хорас Лант, кој во 1952 година ја издава својата Граматика на македонскиот литературен јазик на англиски. Овој предлог од Х. Лант ќе биде искористен при  изработката на граматиката на Блаже Конески во 1953 година.

  1. 3.      Правописот од 1969 година

Како што пишуваат во предговорот авторите на следниот правопис во 1969 година: „Правописниот речник на Б. Конески и К. Тошев извонредно многу придонесе за затврднувањето на правописните норми на нашиот литературен јазик, како и за усвојувањето на литературната реч. Принципите врз кои се засновува овој правопис и правописните начела се покажаа мошне солидни и ја издржаа пробата на времето. Меѓутоа некои прашања во тој прирачник, со оглед на недоволната јазична практика, не можеа да бидат разработени. Тоа се почувствува посебно со излегувањето на Граматиката од Б. Конески, Тритомниот речник, учебниците по граматика на мајчиниот јазик, многубројните научни и стручни прилози од нашите работници на полето на јазикот“. Токму од овие причини, како и од забрзаниот развој на науката за македонскиот јазик, големиот број литературни дела, Институтот за македонски јазик некаде кон средината на 60-тите години од минатиот век решава да пристапи кон изготвување на ново дополнето издание на Правописот кое ќе одговара на потребите на современото живеење. Редакцијата во состав: К. Тошев, Б. Видоески, К. Конески, Р. Угринова-Скаловска и Тодор Димитровски во својата работа се раководеле од тоа дека не треба да се засега во веќе установените правописни принципи и правила, туку дека тие треба да бидат поподробно обработени и, таму каде што е потребно, да бидат дополнети и доуточнети. Текстот на правописните правила во овој Правопис од 1969 година е многу поголем од тој во 1950 година. Тоа се должи на поинаквиот пристап при дефинирањето на правилата, потоа на внесувањата поголем број примери од современата литература, на дополнувања кон правописните правила и на самиот крај, како и поради внесувањата на 3 нови поглавја кои не постојат во Правописот од 1950 година. Станува збор за следниве три поглавја: Транскрипција на туѓите имиња, Скратеници и скратување на зборовите и Интерпункциски знаци.

1.4. Правописот на македонскиот литературен јазик со правописен речник од 1970 година

Во 1970 година, во издание на Просветно дело, Правописот на македонскиот литертурен јазик од 1969 година беше објавен заедно со Правописен речник (во авторство на К. Конески) – петпати поголем по обем во однос на оној од 1950. Речникот содржи околу 30 000 зборови и, главно, се базира врз лексичкиот фонд што се содржи во Тритомниот речник.

1.5.  Правописот од 1998 година

Во 1998 година пред пошироката јавност се појавуваат две книги кои се однесуваат на правописот и правоговорот на македонскиот јазик. Едната, попозната меѓу студентите како „Синиот правопис“ е Правопис на македонскиот литературен јазик од авторите Б. Видоески, К. Конески, Р. Угринова-Скаловска и Тодор Димитровски, а другата е Правописен  речник на македонскиот литературен јазик во авторство на К. Конески. Правописот на македонскиот литературен јазик во споредба со претходниот нема некои поголеми и круцијални измени – и натаму концепцијата е иста, истите поглавја што се содржат и во претходниот Правопис се дополнети со нови, подновени примери. Ново поглавје е поглавјето за акцентот во македонскиот јазик. Најголемите измени во ова издание на Правописот се однесуваат на поглавјата за транскрипција на туѓите имиња во кои покрај претходно обработените: латински, старогрчки, француски, шпански, германски, англиски, албански, турски, српски, хрватски, бугарски, руски, украински, белоруски, полски, чешки, словачки, е додадена и транскрипцијата на овие јазици: арапски, јапонски, кинески, новогрчки, персиски, португалски, романски, унгарски и холандски. За жал, иако овој  Правопис се појави седум години од осамостојувањето на РМ, во него сè уште се присутни примери кои претставуваат отслик на едно време, обоено со идеологијата од времето на социјализмот: овде, пред сѐ, мислиме во деловите каде што се разгледува како се пишуваат имињата на институциите кои денес претставуваат историцизми или анахронизми во рамките на кратенките каде што сè уште фигурира кратенката В.П. за воена пошта (кои веќе и не постојат), или ЗИК за земјоделско-индустриски комбинат или СРЈ за Сојузна Република Југославија итн.

11180316 10206804999742743 734429942532414576 n

Авторките на текстот: д-р Јачева - Улчар и д-р Груевска - Маџовска на доделувањето на наградата „Гоце Делчев“ во 2015 г. за коавторство во Толковниот речник 

 
  1. Подновениот Правопис

70 години по првото издание на Правописот, во тек е неговото дополнување и проширување, што како проект на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ го работи голем тим лингвисти, главно од Институтот и од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Ова претставуваше насушна потреба веќе подолго време, со оглед на големите општествени промени и потребата од правописно регулирање на низа нови јазични појави, нови термини, нови именувања на држави, нови организации итн.

2.1. Во делот Пишување на гласовите ќе биде претставена азбуката, а потоа кај самогласките и согласките застарените примери ќе бидат изоставени и дополнети со актуелни. Исто така, ќе треба да се најде конечно решение за некои двојни решенија во Правописот, Правописниот и Толковниот речник, како на пр. детален-детално и детален-детаљно. Потоа, дублетите од типот дишеиши и задише/задиши, групата глаголи со разлики во палатализацијата (извршена/неизвршена); расплакува/расплачува, потпекува/потпечува, кај именките: ветар/ветер, сутлијач/сутлијаш, Божик/Божиќ, чоколадо/чоколада итн. Ќе треба да се обрне и посебно внимание на изговорот на гласот л пред ј, во случаите илјада, Билјана, Лилјана.

   Кај гласовните промени ќе има проширувања со низа актуелни примери и нови ситуации, и тоа за: едначењето по звучност, за согласните групи, согласките на крајот на зборот, удвоените согласки и испуштањето согласки.

   2.2. Делот Акцент беше првпат вклучен во изданието на Правописот од 1998 година, но тој би требало да се нарече Правила за правоговор и во него поопширно треба да се објаснат правилата за акцентирање во македонскиот јазик, како и за отстапувањата од третосложното акцентирање, со практични решенија. Ќе бидат дадени и најчестите грешки при акцентирањето со препораки.

   2.3. Поглавјето Употреба на големата буква ќе биде дополнето со поголем број конкретни примери за кои во практиката се јавуваат дилеми. Некои точки ќе треба да се прошират со оглед на одредена новонастаната ситуација, особено поради големото влијание од англискиот правопис, според кој голема почетна буква се употребува во многу поголем број случаи отколку што е случајот со македонскиот правопис, како на пр. во имињата на месеците, кај деновите од неделата, кај насловите со почетни големи букви на сите зборови во нив итн. Двојствата во пишувањето голема почетна буква, исто така, ќе се надминат, како на пр. Интернет / интернет или Европска унија / Европска Унија.

2.4.         Дополнување ќе добие и поглавјето Слеано и разделено пишување на зборовите, со оглед на тоа што во современиот јазик, под влијание на интензивната компјутеризација, навлегуваат низа сложени и полусложени зборови од англиско потекло кои често нѐ доведуваат во недоумица како да се претстави графиски извесна лексема. Влијанието на англискиот јазик е големо и на структурата на именската група, каде што многу често наместо придавки се среќаваат именки (систем-администратор, проект-менаџер и сл.).

   2.5. Ќе се дополни и поглавјето Скратеници и скратување на зборовите со нови примери. Ќе се разрешат и проблемите со нивното пишување од типот: Би би си / БиБиСи / Би-би-си / Би- би- си.

   2.6. На претходното поглавје се надоврзува и поглавјето Предавање на македонското писмо со латиница. Во стариот Правопис се понудени две решенија, од кои заживеа само едното. Второто допуштено решение без дијакритички знаци беше со додавање на ј на основната буква. Овие решенија за предавање на македонски имиња и зборови со латиница се официјализирани во Правописот, кој како таков е признат од страна на ООН со една Резолуција од 1977 (со што практично македонскиот јазик и писмо се признати од сите држави членки на ОН, вклучително и од Грција). На барање на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Советот за македонски јазик изготви трето решение, односно предлог за пренесување на македонската кирилица со латинично писмо само за личните имиња (објавен во Билтенот на Советот за македонски јазик, Година II, бр. 3, Скопје, 2001 г.), кое предизвика бурни реакции, но е во активна употреба. Во новиот Правопис ќе биде понудено конечно решение за овој многу актуелен проблем. 

2.7. Дополнување на Правописот ќе се направи и во обемното поглавје Транскрипција на туѓите имиња. Кон класичните јазици, латинскиот и старогрчкиот,  ќе се додаде и транскрипцијата од старословенски, хебрејски и санскрт. Покрај ова, како одделна група ќе бидат поместени балканските јазици, па потоа индоевропските јазици (словенски, германски, романски, балтички и др.), угрофинската група јазици, како и азиските: јапонски, корејски и кинески. Во ова поглавје, предавањето на кирилица ќе биде дадено најпрво на самогласките, потоа на согласките, па најнакрај комбинацијата на согласните групи со самогласки. Како примери за илустрација ќе бидат дадени топоними со посебно културно, историско, индустриско и др. значење во рамките на една држава, како и имиња на најмаркантните личности кои се со потекло од соодветната земја. Во работата на ова најобемно поглавје во новиот Правопис, покрај македонисти, свој придонес ќе дадат и нашите колеги од странските јазични групи.

2.8. Во поглавјето Географски имиња ќе се обидеме да дадеме преглед  речиси  на сите држави во светот со нивните главни градови и етниците изведени од нив. Во ова поглавје ќе бидат застапени и имиња на поголем број населени места и други топоними на територијата на Македонија во нејзините етнички рамки. Во овој дел се отвора и прашањето како да ги именуваме оние земји, т.е. оние жители на земји за кои немаме никаква традиција во употребата. И во овој контекст дали не ќе биде  подобро да ја почитуваме препораката на УНГЕГН (Комисија за стандардизација на географските имиња при ООН) која вели дека во вакви случаи со сопствени јазични средства треба да се преземаат оригиналните називи или, пак, ќе понудиме наши решенија?

   2.9. Во делот Додатоци ќе има шест нови теми:

  1. Пишување библиографски единици, цитирање и фусноти
  2. Оформување на текст
  3. Арапски и римски броеви
  4. Мерни единици
  5. Хемиски елементи
  6. Коректурни знаци

2.9.1. Во делот Пишување библиографски единици, цитирање и фусноти ќе биде претставен начинот како се наведуваат податоците за цитирани и консултирани извори во стручни и научни текстови. Извори можат да бидат книги, делови од книги, статии во списанија или зборници, како и текстови објавени во електронските медиуми. Поради тоа што не постои само еден начин на цитирање во светот, во проширеното издание на Правописот ќе бидат наведени различните практики. Примерите коишто ќе бидат наведени ќе можат да служат како образец, а понатаму, во секоја конкретна ситуација ќе треба да се следат правилата на издавачите, уредниците и сл. Исто така, ќе бидат наведени и начините за упатување во текстот, како и фуснотите или белешките, коментарите и сл. кои можат да бидат на дното на страницата или на крајот на текстот.

   2.9.2. Во делот Оформување на текст ќе бидат претставени начините на оформување на писмен текст и делови од текст за да се олесни неговото претставување. Освен општите правописни и интерпункциски правила при оформувањето дел од текст (заглавје, подзаглавје, мото, заглавје на структурна целина, започнување нов ред на пасус, рубрики) и на некои видови текст (текст во табели, текст продледен со сликовито и графичко претставување на информација, текст со цитат, употреба на наводници и полунаводници во текст, текст на пиеса, либрето, сценарио, текст во текстуални задачи со повеќе можни одговори), ќе се приложат и специфични правила и графички техники. Исто така, ќе бидат приложени и примери за писмено службено обраќање, како на пр. примери за: деловно писмо, молба, жалба, пријава и биографија.

2.9.3. Во третата тема ќе бидат претставени мерните единици коишто во претходното издание беа делумно опфатени во поглавјето Скратеници и скратување на зборовите. Во проширеното издание тие треба да се наведат во поголем опсег и тоа: основните единици (македонскиот назив, меѓународниот назив, знакот и за каква мерна единица станува збор – далечина, маса, време и сл.), потоа изведените единици со посебни називи и знаци (на пр., паскал, ват, волт и сл.), сложените единици без посебни називи и знаци (на пр., квадратен метар, метар во секунда на квадрат и сл.), мерните единици со неограничена употреба (на пр., минута, час, ден. грам, тон и сл.), мерните единици со ограничена употреба (морска милја, ар, хектар, диоптрија и сл.), некои англо-американски мерни единици (на пр., милја, јард, калорија, барел и сл.), разни префикси (јота-, тера-, гига-, мега- и сл.) итн. Ќе бидат наведени и доста примери за нивна практична употреба во контекст.

   2.9.4. Во четвртата тема ќе бидат претставени арапските и римските броеви со објаснети вредности и начин на употреба (на пр., LI=51).

   2.9.5. Во петтата тема ќе бидат претставени хемиските елементи: македонскиот назив, симболот, меѓународниот назив и атомскиот број (на пр., бакар / Cu / cuprum / 29).

2.9.6. Во последниот дел треба да бидат дадени сите коректурни знаци со примери како ќе изгледаат во текст. Имајќи превид дека Правописот и Правописниот речник се главната алатка на лекторите, корисно е, за сите оние што лекторираат и коригираат отпечатен текст, да го имаат предвид усвоеното значење на одредени коректурни знаци. На тој начин, меѓу другото, лекторот не мора да составува легенда, т.е. своја шема на коректурни знаци, туку ќе биде доволно да го упати подготвувачот на печатењето на текстот на Правописот. 

2.10. По ова поглавје предлагаме и едно поглавје со препораки. Ова би се однесувало во најголема мера за женскиот облик на македонското презиме, за избегнување хипокористични форми на имињата за официјални, како и имиња од туѓо потекло кои отскокнуваат од македонскиот антропонимиски репертоар.

3. Би сакале да истакнеме дека Правописот на македонскиот јазик треба да биде поприемлив за поширок круг корисници, што значи дека составувачите ќе треба да се потрудат во формулациите на правописните правила да бидат колку што се може поедноставни во изразот, ослободени од нагласена научност. Па, сепак, во нашите настојувања за неговата полесна приемливост и натаму ќе мора да се употребуваат основни граматички термини без кои не ќе можат да се постават правописние правила.

   Новите примери со кои ќе се заменуваат застарените ќе се ексцерпираат од современата македонска белетристика, од преводната литература, од стручната литература, од публицистиката и, по потреба, од другите функционални стилови.

Автори: д-р Елка Јачева - Улчар и д-р Симона Груевска - Маџовска

Публицитет.мк 

Прочитано 22780 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter