Мојот град - моја вечна муза

16 Јули 2015

Бескрајно небо, сина езерска шир, издигнати планини и вечен, спокоен мир. Местото од кое се црпи цела инспирација, се црпи цела убавина, се преобразува, трансформира и се пресликува на хартија. Охриде, ти со твоите портокалoви залези и сини води кои ја топат мојата душа, ох, Охриде, дали ме слушаш?!

Слушни го мојот врисок, којшто длабоко во мене тлее и исфрли го, потони го во езерската длабочина и во убава песна претвори го. Ти, Охриде, што со убавина ме задои, што ми ја подаде палетата на твоите урбани бои- кажи ми со кои сили да ја исцрпам последната твоја боја, за во моите текстови да ја спојам?

            Уште пред деветнаесет години, кога во овој град се родив, со мислите и духот по езерските бранови впловив. Секој град што сум го посетила ми остава посебен впечаток, но Охрид е таму, каде што е мојот почеток. Низ уличките на стариот дел, па се` до врвот на Самоиловата тврдина, душава со историја ми се преплавила. Низ Стара чаршија, па се` до врвот на урбаните згради, срцево мое стихови гради.

ohrid

     Тешко е да се напише есеј, кога гледаш низ призмата на долговековна историја преплавена во бесценета убавина. Охрид- градот мој- сплотен во лулката на христијанството, обележан со 365 цркви и зачуван како скапоцен бисер на охридската архиепископија е местото кое во мене буди страст. Додека Билјана платно белеше и Лихнида кајче веслаше, Охрид скромно рака ми подаваше и низ таа божева убавина ме шеташе.

     Тешко е да се напише есеј, кога ти си едно со музата, а и музата е едно со тебе. Тешко е да се опише тоа сплотување на мирот во срцето и немирот на охридските води. Тешко е да се отвори мојата душа, кога мојата душа е токму во срцето на мојата муза. А, мојата муза е токму мојот град- моето место на сплотување, место на вечна инспирација, место на бескрајна утопија на моите мисли.

     Ти галебе, што лесно шириш крилја над синото око, дај ми снага, вивни ме и мене во небесната шир и исплакниме со жарта на моето срце. Однеси ме таму, каде се раѓа мојата душевна алхемија и умира мојата меланхолија. Заврзи ми ги рацеве и остави ме да се ослободам преку моето перо. Остави ме да сонувам и никогаш да не се разбудам, зашто само таму- во срцето на мојот град- јас навистина живеам.

            Ох, ти Охриде- граду мој, музо моја... Нежно исфрлиме на бреговите на твоето срце и остави ме да творам. Остави ме да дишам, да го успокојам мојот немир покрај твоите бранови и да создадам дело. Остави ме да го гледам сонцето кое тони во длабочината на твоето срце и ме успива, ме успива во длабок сон, онаму каде јас ја пронаоѓам мојата инспирација... Остави ме, музо моја, дозволи ми.

                                                                        Дамјана Видическа

            

           

Прочитано 35924 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter