Повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #2“ во рамките на 3. Скопски поетски фестивал
Скопскиот поетски фестивал, чиешто трето издание ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември, и годинава го организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање за млади поети и поетеси од домашната книжевна сцена.
‒ Продолжуваме со поддршката за младите поети, за почетниците, за оние што можеби и не објавиле ништо досега, давајќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати. Како и минатата година, така и оваа, врз основа на испратените песни ние ќе ги избереме учесниците што ќе настапат на поетското читање „Отскочна даска #2“, а тие меѓу себе ќе го одберат најдобриот, односно, ќе изгласаат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на третото издание на СПФ и ќе чита заедно со другите повозрасни и етаблирани поети, соопштија од фестивалот.
Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години и да испратат куса биографија и две свои песни во Word на мејлот Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. најдоцна до 10-ти септември.
Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 17 септември на фејсбук и на инстаграм страниците на фестивалот, а настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ на 24 септември, со почеток од 20 часот. Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 27 септември.
Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура и од ТРАДУКИ, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и кафе-книжарница „Буква“.
Публицитет.мк